Драги Андреј,

Остави го минатото. Живеј го секој момент

без каење, како да ќе фатиш совршен бран.

Секогаш ќе те сакам.

                                                                 Баба

Таков е впечатокот на светот кој е, сам по себе, навистина чудесен. Прекрасна е играта на брановите на водната површина и отсјајот на сонцето. Природата игра на свој начин, по свои правила, а животот е нашата игра. Тука нема правила... Играш како сакаш... или добиваш – или губиш... Не е важно дали си чесен, или валкан играч... Но, важно е со кого ја играш таа игра на мачка и глушец... И тоа кој е мачка, а кој глушец... Дали со пријател, пријателка... маж, жена...

Честопати си велам... Нејзиниот живот зависи од чувствата на моето срце, нели? Па, таа е жена. Моја жена. Тие велат едно, а мислат друго. Ни еден маж не може да ја отклучи нејзината тајна.

Постои ли време кога таа игра треба да престане?!

Да, постои...

Откако играта ќе заврши, кралот и пионот секогаш одат во иста кутија.

Сигурно се прашувате, зошто ви го кажувам ова... мешам баби и жаби... Бидејќи тој ден не ми се играше мачка и глушец...

  - Сакав да дојдам по тебе, да легнеме. – и велам на жена ми. Томи одамна заспа.

  - Оди и ти во кревет. Јас ќе останам овде. – ми вели таа тивко.

  - Ќе останам со тебе.

  - Не сакам да разговараме.

  - Тогаш нема ни да разговараме.

  - Не можам да заборавам што ми направи.

  - Знам.

  - Не знам дали некогаш ќе заборавам, ниту дали ќе можам повторно да ти верувам. Размислував и за тоа... Како мислиш да бидеме заедно? Јас не сакам, да разговарам со тебе... Не знам како ќе живееш така. Како кога и правиш друштво на личност која жали.

  - Молам?

  - Кога умре дедо Трајко, таткото на мама, таа беше депресивна две години. Татко ми не се трудеше да ја развесели или да и ги тргне мислите. Само беше тука, покрај неа. Кога сакаше да зборува со него, слушаше. Кога и се плачеше, ја прегрнуваше. Остануваше со неа, молчејќи, кога не и се зборуваше. Секогаш беше тука за неа... Две години.

Едно утро, мама се разбуди со насмевка на лицето и стана онаа старата каква што беше некогаш. Го исплака татко и, животот продолжи... Повторно беа среќни. Мислиш дека еден ден ќе се разбудам и ќе бидам среќна крај тебе?

  - Не знам... Само знам дека јас ќе бидам тука, колку и да треба, се додека не ми простиш и повторно почнеш да ми веруваш. Запамети што ти реков. Ако тоа се случи некогаш, ќе бидеме многу среќни заедно. Многу те сакам, Тина. Прости ми за болката која ти ја нанесов. Те сакам.

  - И јас тебе...

Ја прегрнав Тина со цела сила. Во тој момент, не ја прегрнував мојата жена, туку дванаесет години од својот живот, со сите досегашни игри... искачувања и паѓања... нашите соништа, фрустрации и несигурности, со најсреќните и најтажните мигови... Се видов ние двајцата, па ние тројцата. По прв пат во животот сфатив дека во своите раце го држам она што ми е потребно за да бидам среќен.

Следното утро ми се чинеше дека работите изгледаат поинаку, иако знаев дека се е исто, како што и било... New game… Start game… 1 level… 2 level… 3 level… Game over!

Ќе ни биде добро. – и понатаму и велев. Преправај се дека повторно почнуваме живот место да мислиш дека го завршуваме.